Навивачи од цела Македонија вчера во Штип го бодреа Реал Мадрид

Фанови на Реал Мадрид од цела Македонија вчера во Штип го бодреа својот омилен тим. Македонски навивачи од Здружението „Пења Мадридиста Македонија“ верно го следеа првиот натпревар од полуфиналето помеѓу Реал Мадрид и Манчестер Сити и навиваа за своите јунаци.

„Вечерва се собравме тука од сите градови од цела Македонија, има од Куманово, од Скопје, од Велес, Штип, Битола, Кочани. Се собравме навивачи на Реал Мадрид, „Пења Мадридиста Македонија“ е официјалното здружение на навивачи, ќе го проследиме првиот натпревар од полуфиналето со Манчестер Сити. Мислам дека нема да има од другиот тим, затоа што другиот тим сѐ уште нема доволно фан – база во Македонија“, вели Борис Тасевски, еден од навивачите.

Навивачи од Здружението ќе го проследат и натпреварот против Еспањол, со кој Реал Мадрид е на чекор до титулата и му е потребен само еден освоен бод за математички 35. Ла Лига. Најавуваат и присуство на прославата на плоштадот „Сибелес“. Во Шпанија ќе го проследат и реваншот со Манчестер Сити.

„Следното навивање ќе биде во Мадрид, во петок одиме група во Мадрид, Шпанија за да го проследиме натпреварот, кога би требало да ја прославиме победата против Еспањол во сабота на плоштадот „Сибелес“, а потоа ќе бидеме присутни и во среда на возвратниот натпревар против Манчестер Сити, на реваншот, на којшто се надеваме дека ќе прославиме премин во финалето во Париз“, додава Тасевски.

Во Шпанија заминуваат навивачи од четири – пет града од Македонија, кои се надеваат на победа на двата натпревари.

Ребека Спасова М-Нет