Девојче се онесвести во Кочани, од кочанската болница немале возило на располагање

Немил настан синоќа во Кочани на површина ги вади недостатоците на кочансакта Општа болница. Имено, во вечерните часови во угостителски објект во Кочани, младо девојче изгубило свест, за што потребна беше нопходна медицинска помош. Очевидци во објектот веднаш се јавиле на брзата помош во Кочани, но за жал не ја добиле нивната помош. Брзата помош не се појавила на местото на настанот и покрај тоа што нивната присутност беше повеќе од потребна. Немало слободно болничко возило. Младата Бојана Никовска од Кочани е во добра состојба денеска и е пуштена на домашно лекување. Но, пред камерите на М-Нет телевизија ја искажува својата револтираност и неорганизираност на болницата.

„Синоќа во вечерните часови бев излезена, по што во 22:30 часот се случи еден немил настан, се онесвестив. Оцевидците викнале брза помош, но нивниот изговор бил дека немаат интервентна екипа, дека имаат само една и истата била во селото Зрновци. Една докторка како случаен минувач се најде на местото на настанот, таа ми го спаси животот ме однесе во болница каде ми пружија медицинска помош и ме пуштија на домашно лекување“ – вели Бојана.

Да се спаси живот од случаен минувач е среќа, но не секогаш оваа среќа им е достапна на граѓаните. Дозволиво ли е во итни случаи брзата помош да се остави без болничко возило е едно од низата прашања кои се поставуваат во моментот. Што ако вчера како слуачен минувач не се погодила докторка и кој ќе одговара доколку настанот не завршеше среќно?

За овие прашања го побаравме директорот на кочанската Општа болница со проширена дејност, Александар Серафимов, но од болницата кажаа дека по дежурство тој денеска имал слободен ден. Во смс порака за М-Нет телевизија Серафимов кажа дека дезинформација е дека болницата има само едно возило, односно истата располага со десетина возила.

Лаура Стојанова М-Нет