
Денес беа одиграни натпреварите од 11. коло од Третата македонска фудбалска лига – Север. Најинтересен натпревар беше дуелот меѓу Бутел и Кадино каде беа постигнати дури 13 погодоци за победа од 6:7 на некогашниот второлигаш.
Во првиот дел беа постигнати по два погодоци за 4:4 на полувреме, а во вториот дел се случи вистинска голеада. Атанасков за домашниот тим постигна хет-трик, Цветковски беше двоен стрелец, а еден гол беше дело на Божиновски. За гостинската екипа Мустафа постигна хет-трик, Илиевски беше двоен стрелец, а по еден гол постигнаа Стојановски и Попоски.
Фортуна се „лизна“ и одигра 1:1 со Аеродром на гостински терен. Во првиот дел мрежите мируваа (0:0), а на стартот од второто полувреме Апостоловски постигна гол за 1:0, но гостите преку Муретазани во 58. минута израмнија на 1:1 со што до крајот резултатот остана непроменет.
Шкендија Арачиново на теренот на Фортуна со 4:0 славеше над Петровец убедлива победа. Сали во 7. минута погоди за 1:0 на полувреме, а во вториот дел Абдуловски, Алији и Беќири беа стрелци за конечни и убедливи 4:0.
Некогашниот прволигаш Еуромилк ГЛ со 4:1 го доби ланскиот второлигаш Пехчево Скопје. Сите четири погодоци домашниот тим ги постигна во првиот дел, а стрелци беа малов, Јаневски, Тасески и Бакијов, додека пак за гостите голот го постигна Наков.
БВК Коњаре на домашен терен дојде до тешка победа од 4:3 над Башкими Љуботен. Исљам беше двоен стрелец за домашниот тим, а по еден гол постигнаа Бакиевски и Ќани, додека пак за гостите стрелец на сите три гола беше Хамза Мурати.
Лидерот Куманово во вториот дел го доби дуелот со Беса Влазрими со резултат од 2:0 и запиша нова победа, а по „киксот“ на Фортуна остана осамен лидер на табелата со 28 бодови. Петре Тасевски во 70. минута постигна гол за 1:0, а во 83. минута Александар Савиќ ги постави конечните 2:0.
Риниа сосема очекувано забележа висока победа од 7:1 над „фенерџијата“ ССК Нова. Арифи и Мифтар беа двојни стрелци, а по еден гол постигнаа Азизи, Абудал и Имери. За гостинската екипа единствен стрелец беше Зафировски.
На врвот од табелата е густо. Куманово е на врвот со 28 бодови, втора е Шкендија Арачиново со 27 бодови, на трето место е Фортуна со 26 бодови, а пак на 4. место е Еуромилк ГЛ со 23 бода.
АВТОР: Александар Ванев