„Внимавајте што јадете: Најавениот топлотен бран го зголемува ризикот од труење со храна

Со најавениот нов топлотен бран и температурите кои во наредните денови на места ќе достигнат и до 40 степени Целзиусови, расте ризикот од расипување на храната и појава на труење. Високите температури претставуваат опасност и за домашните животни, поради што неопходно е да им се обезбедат доволно свежа вода и безбедна храна.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство апелираат граѓаните да бидат внимателни при купување, транспорт и чување на храната. Препорачуваат лесно расипливите производи да се купуваат исклучиво од проверени продажни места, каде што се чуваат во соодветни разладни уреди, а разладените и замрзнатите производи да бидат последни во кошничката при пазарење.

Посебно внимание треба да се посвети на правилното складирање и подготовка на храната. Разладените производи треба да се чуваат на температура под пет степени Целзиусови, храната да биде добро термички обработена, а овошјето и зеленчукот темелно измиени. Од АХВ препорачуваат и внимателен избор на угостителски објекти, особено кога станува збор за брза храна и производи што лесно се расипуваат.

„Доколку се сомневате дека храната не е безбедна, не ризикувајте – фрлете ја“, апелираат од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Дајана Сандева, М-Нет