
Денес беше комплетирано 10. коло од Трета лига – Југ, кое беше отворено вчера со победата на Борец од 6:0 над Ултрас за што вчера објави телевизија М Нет.
Росоман со 2:3 славеше голема победа над Пити Гули среде Крушево каде двоен стрелец за гостите беше Слободан Дуков, а еден гол беше дело на Милавановиќ. За домашниот тим двоен стрелец беше Соте Андреески.
Превалец со убедливи 6:1 ја доби Слога на домашен терен и прави притисок за првото место кое води во баражот за Втора лига. Ставрев и Стојанов беа двојни стрелци, а по еден гол постигнаа Драскачев и Спиридонов. За гостинската екипа стрелец на единствениот гол беше Сулејмани.
Лидерот Големо Коњари на убедлив начин со 7:0 го декласираше „фенерџијата“ Бучин. Победата беше сосема очекувана за домашниот тим, кој лесно стигна до нова победа и нови три бодови на патот кон историски пласман во Втора лига.
Искусниот Мустафа Селманоски дури три пати ја стресе мрежата на гостинот кој беше инфериорен и немаше сили да му парира на расположениот лидер. Ерџан Ибраимоски беше двоен стрелец, а по еден гол постигнаа Сркески и Аднреевски.
На теренот во Кривогаштани екипата на Младост со 3:0 славеше над некогашниот второлигаш Локомотива од Градско со двата гола на Александар Чешелковски и третиот гол кој беше постигнат во вториот дел, а беше дело на Бобан Крстески.