Исчистени одроните на патните правци во Малешевијата после поројните дождови

Исчистени се одроните од патните правци кои вчера ја зафатија Малешевијата. Екипи на Македонија пат утрово работеа на расчистување на одроните на повеќе патни правци, при што во доцните вечерни часови сите коловози беа исчистени. Од таму советуваат во услови на влажно време потребна е претпазливост при учество во сообраќајот.

„Вчера по обилните дождови кои ја зафатија државата имаше одрони кои блокираа неколку патни правци во Малешевојата: Делчево кон Пехчево, Делчево кон Истибања, Делчево кон Граничен премин, Берово кон Виница и Берово кон Струмица. Службите на „Македонија пат“ присапија со чистење и во доцните часови некаде околку 21:00 часот сите патни правци беа исчистени и овозможени за нормално одвивање на сообраќајот. Утринава имаше таканаречено фино чистење на истите патни правци, но сега сообраќајот се одвива непречено по влажните патишта“ изјави Влатко Цоневски раководител на „Македонија пат“

Вечерва, врнежите ќе бидат почести на запад, а преку ноќта во источните делови од државата се очекува да наврнат и нови 60л/м2. Утрово дождот во Малешевијата престана , но се уште се вози по влажни коловози долж сообраќајниците во овој регион.

И од АМСМ препорачуваат прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Лаура Стојанова М-Нет