
Се намалува бројот на новоинфицирани лица од Ковид 19, во Источниот дел од државата. Во Клиничка болница Штип хоспитализирани се 81 пациент, од кои 37 во модуларната ковид болница и 44 на Инфективното одделение. Слободни се 15 места за пациентите со корона висрусот, од кои 4 во модуларната болница и 11 на Инфективното одделение без можност за кислородна поддршка, информираше потпаролот на Клиничка болница Штип, Марина Шуманска. Повеќе од половината од пациентите односно 45 имаат потреба од кислородна поддршка. Две лица не ја преживеале битката со невидливиот непријател. Починале во Клиничка болница Штип, едно лице од Пробиштип на 63 годишна возраст и едно лице од Штип на 72 години. Во кочанската Општа болница со проширена дејност, ситуацијата е стабилна. Хоспитализирани се 31 пациент. Од кои 29 во модуларната болница и две лица на Интезивна нега. Слободни се 15 кревети за ковид пациентите, информираше директорот на кочанската болница, Александар Серафимов. Добра вест е што во текот на изминатото деноноќие овде не е регистриран ниту еден починат пациент.
Инаку, денеска во кочанската болница пристигна пратка со кинеските вакцини „Синофарм“, и има доволно за термините закажани за нарадената недела. Има и заинтересираност, а добро е што вакцината може да ја примаат и помлади пациенти, истакна Серафмиов. Со претходната вакцина на „Астра Зенека“ со која се вакцинираше повозрасното население во Кочани, 700 лица ја примиле оваа вакцина. Вакциналниот пунк работи во две смени од 8 до 20 часот.
Во меѓувреме со информации од Министерството за здравство во земјата, досега, се направени вкупно 698.132 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 148.618, бројката на оздравени пациенти е 125.593, на починати е 4.556, а бројот на активни случаи изнесува 18.469 лица.
Лаура Стојанова М-Нет