Искусниот голман Трајче Ников нов играч во Кожуф, младиот Тарик Демишоски нов играч на Македонија ЃП

ФОТО: М Нет телевизија

Второлигашите продолжуваат со засилувања за пролетната полусезона од Втората фудбалска лига. Екипата на Кожуф од Гевгелија се засили со искусниот голман Трајче Ников.

37-годишникот во Кожуф доаѓа од редовите на Вардарски од Богданци, а се работи за голман кој е повратник во редовите на Кожуф. Низ својата кариера Ников покрај за екипите на Вардарски и Кожуф, беше дел и од Силекс, Шкендија, Работнички, Пелистер и Металург.

Ников со Металург во сезона 2010/2011 го освои и Купот на Македонија, кога во големото финале Металург со 0:2 славеше против Тетекс.

Неговото искуство е големо, кое тој ќе треба да го пренесе во Кожуф, тим кој во пролетниот дел ќе биде предводен од Славчо Георгиевски – Тупан, а пролетниот дел Кожуф го отвара против Каменица Саса на гостински терен.

Младиот Тарик Демишоски е нов играч во редовите на Македонија ЃП. Лидерот во Втората лига, кој е главен фаворит за експресно враќање во Првата лига, го ангажираше 18-годишникот кој доаѓа од Воска Спорт. Демишоски е повратник во дресот на тимот од Ѓорче, откако во период од 2022 до 2024 година беше дел од „лавовите“, а има настапувано Њу Старс, Јанг Тим од Струга и струшки Караорман.

Македонија ЃП е на врвот од табелата со 38 бодови, пет повеќе од второпласираната Брегалница, а тимот на Бобан Грнчаров пролетниот дел го отвара на „Билјанини Извори“ против Охрид.

Како што е познато првите две екипи од Втората лига имаат директен влез во Прва лига, а пак третопласираниот тим игра бараж за влез во Првата лига со прволигашот кој ќе заврши на десетто место.

Александар Ванев, М-Нет