Илјада граѓани пријавени за старт на вакцинацијата во салата „Јордан Мијалков“ во Штип

Утринава со почеток во 10 часот во салата Јордан Мијалков во Штип започна масовната имунизација на населението. Преку Мој термин 1000 граѓани од Источниот и Југоисточниот дел од државата имаа закажано термин за вакцина против Ковид 19.

„Мој Термин денес термините ги пушти од 10 часот и сега доаѓаат првите пациенти, така да имаше малку празен простор додека ние се доекипиравме и сега веќе сме спремни. Добивме 5 илјади вакцини, ќе добиваме на секој три четири дена дополнителни вакцини. Денеска имаме 1000 термини закажано и во прва и во втора смена.“ – истакна директорката на Здравствен дом „Панче Караѓозов“, Снежана Трајковска.

За вакцинација имаше пријавено лица од сите градови во Истокот, а денеска први во пунктовите за вакцина седнаа граѓаните над 86 години.

Граѓаните кои се пријавиле да примаат вакцина утринва во салата Јордан Мијалков ги посети и првиот човек на градот под Исарот, Сашко Николов. Тој се надева дека бројот на лица кои сакаат да се имунзираат во наредните денови ќе се зголемува.

Првиот пациент кој што беше вакциниран денеска има 92 години, а најстариот пријавен за вакцинација 100 години. Денешната старосна граница за вакцинирање е над 86 години, а од утре веќе истата ќе почне да се намалува. За прва смена имаше медицински лица од Кочани и Радовш, за втора смена од Виница. Од утре треба медицински кадар да пристигне и од Пробиштип, а од струмичкиот региона засега нема потреба од помош.

Лаура Стојанова М-Нет