Изумира традицијата на земјани садови, нема кој да ги произведува, ниту купува

За земјани садови сѐ помал интерес. На градскиот пазар во Штип често може да се најдат, но ретко кој ги купува. Цените – пристојни за секој да може да си дозволи, вели еден од производителите и продавач на вакви садови. Но луѓето освен што помалку ги користат, мали им се и примањата, па ретко се одлучуваат да купат земјан сад.

„Побарувачка нема, нема народ прво и прво, нема раздвиженост. Цената на најмалата чинија е 50 денари, поголемата е 100, со капак се 300 денари, уште поголеми се продаваат по 400. Грнињата за грав се 300 денари. Цените се приступачни, ама народот нема пари“, вели нашиот соговорник.

Освен што граѓаните малку купуваат, дека традицијата полека умира доказ е и тоа што нема веќе кој да ги произведува. Традицијата наназад е долга, но никој нема интерес истата да ја продолжи. Процесот кој изискува многу труд дополнително придонесува за помалку производители, што се покажува со тоа што и да сакаш да купиш, ретки се местата каде можеш да ги најдеш.

„Тука има многу процеси, ќе се направи, па ќе се суши. Треба најмалку месец дена до финален производ. Егзистенција нема, крпиме. Само овде пласираме. Веќе 30 години се занимавам со ова, а нема кој да ме наследи, нема интерес. Јас сум последен, дедо ми, татко ми, па јас. За понатаму нема интерес“, додава тој.

Тешко или лесно, нашиот соговорник го оценува процесот – за кого како. Вели, иако бара повеќе време и труд, не е тешко да се произведе ако истото се прави со многу желба и љубов, особено знаејќи дека целиот труд на крајот носи малку финансиски средства.

Ребека Спасова М-Нет