Избрана фирмата која до крајот на годината ќе го реализира Центарот за рехабилитација за деца и младинци во Штип

Избрана е фирмата што ќе ги адаптира просториите во текстилното училиште „Димитар Мирасчиев“, каде што ќе биде отворен Центар за рехабилитација на деца и младинци со попреченост. Според градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, центарот ќе обезбедува дневен престој и поддршка за повеќе од 40 лица со попреченост.

„Од она кое што очекувам дека во наредниот период ќе се реализира е практично до крајот на оваа година да бидат завршени активностите поврзани со изградбата, адаптацијата на просторот кој треба на дневна основа да прифаќа некаде повеќе од 40-тина лица со попречености. Но, ова не е доволно, за да практично институциите одговорат на барањето и потребата, затоа што освен овој Центар за работа со лица со попречености, нешто кое што е неопходно е да продолжи не само локалната самоуправа, туку во соработка со ресорното министерство, Министерството за труд и социјална политика, да се планираат и да се изградат нови капацитети, затоа што верувајте дека бројот на корисници на вакви услуги од ден во ден е сè поголем и поголем.“, кажа Јорданов.

Градоначалникот Јорданов е дециден дека на ваквата ситуација, тие како општина, но и останатите институции мора да одговорат и до крајот на годината да успеат да го стават во функција овој Центар за рехабилирација, а паралелно да се размислува и за нови капацитети на нови локации.

„Јас верувам дека овие состојби кои ги имаме во општината и во државата, како институции мора да одговориме на истите и во прва фаза, еве до крајот на оваа година да успееме да го ставиме во функција овој Центар за рехабилитација на лица со попречености, а веќе паралелно на овој центар да се размислува и за нови капацитети и за нови локации кои ќе бидат во корист и во задоволување на потребите на родителите и на лицата со попречености.“, посочи Јорданов.

Инако, овој Центар ќе биде сместен во дел од објектот на Средното текстилно училиште, каде ќе се спроведува рана рехабилитација со поддршка од логопеди, дефектолози, физиотерапевти.Во него децата и младинците со попреченост ќе развиваат животни вештини за поголема самостојност, а активно ќе бидат вклучени и родителите. Изградбата и опремувањето на Центарот ќе чинат околу 11 милиони денари, од кои 11% треба да кокфинансира општина Штип.

Иван Митев, М-Нет