
Водата за пиење во Општина Зрновци не е безбедна за употреба. Последните анализи на Центарот за јавно здравје Кочани покажале дека таа не одговара како вода за пиење, поради што надлежните препорачуваат да не се користи за пиење на целата територија на општината. Од КЈП „Водна Кула“ информираат дека ќе спроведат хиперхлорирање и чистење на секундарната водоводна мрежа. До добивање на нови резултати што ќе ја потврдат исправноста на водата, таа треба да се користи само како техничка вода. Од претпријатието апелираат граѓаните да се придржуваат до препораките.
,,Врз основа на добиени резултати од испитување на вода за пиење од центарот за Јавно здравје Кочани од 13.07.2026 година е утврдено зголемено присуство на Калиум Манган во водата и истата не одговара како вода за пиење.
Препорачуваме водата да не се користи за пиење на целата територија на Општина Зрновци. Вработените на КЈП Водна Кула ќе избрши хиперхлорирање и чистење на секундарната водоводна мрежа. До добивање на позитивни резултати водата да се користи како техничката вода. Ги замолуваме граѓаните на прилагодување на настанатата состојба.“, соопштуваат од КЈП Водна кула
До тогаш, жителите на Зрновци ќе треба да се снаоѓаат и да користат вода за пиење од други извори. Од КЈП „Водна Кула“ уверуваат дека веднаш штом водата биде исправна за пиење, граѓаните ќе бидат информирани.
Иван Митев, М-Нет