
Прво место и златен медал за младиот штипски каратист Марко Џорлев, на силниот меѓународен турнир „Софија Опен Претседателски Куп“ во Бугарија.
Џорлев кој изминатиот период се подготвуваше интензивно за овој настап, имаше силна конкуренција, а дома го носи златниот медал. Над 1300 натпреварувачи од 18 држави, Џорлев во категорија кадети до 63 килограми се закити со златен медал.
„Изминатиот викенд јас учествував на меѓународниот турнир „Софија Опен Претседателски Куп“, ова беше многу голем и силен турнир, еден од најсилните во регионот. Веќе станува традиција, неговата шеста година како се одржува. Претседателски Куп зат оа што е финансиран од претседателката на Бугарија. Имаше многу силна конкуренција, јас настапував во категорија кадети до 63 кг, вкупно на целиот турнир имаше 1300 натпреварувачи од 18 држави. Покрај од државите на Балканот, имаше натпреварувачи од Русија, Англија, Шкотска, Украина, Унгарија… Јас успеав да го освојат златниот медал“, вели Џорлев за М Нет телевизија.
Џорлев за М Нет телевизија раскажуваше каков бил неговиот пат до големото финале, а како што вели полуфиналето било како финале пред финале, а самото финале било рутина.
„Во првата борба се борев против репрезентативец на Бугарија кој го победив со резултат од 7-0, потоа против Унгарец кој го добив со 5-1, третата борба беше против натпреварувач од Грција, Лекакос, морам да го спомнам бидејќи е многу добар, најдобар во мојата категорија во Грција, кој редовно учествува на СП и ЕП и на Светските лиги веќе го познавам добро, успеав да го добијам него со 2-1. Во полуфиналето како и многу пати досега беше финале пред финале со Ѓоргиев од Бугарија. Беше интензивна и интересна борба, со многу пресврти, но на крајот во последните неколку секунди јас успеав од 4-5 да го свртам на 6-5 и да го добијам и тој меч. Во финалето славев со рутинска победа успеав да го освојам златото против натпреварувач од Македонија со резултат од 3-0“, вели Џорлев.
Ова е генерална проба пред тоа што следува за Џорлев, односно настапот на Светската младинска лига, каде минатата сезона ја освои бронзата, а годинава ќе оди по злато.
„Ова можам да кажам добра генерална проба пред тоа што ми следува, а тоа е Светската младинска лига во Пореч, Хрватска, на која учествував и лани и освои бронза. Во карате клубот Штип со моите тренери Сашко и Жарко Арсовски веќе долго време се спремаме, претходно бев на ЕП, сега и за овој турнир. Од денес започнува со интензивни тренинзи и подготовки за Светската младинска лига во Пореч“, дополни Џорлев.
Џорлев е млад и успешен каратист и претставува голема иднина на македонското карате.
Александар Ванев, М-Нет