
1:1 беше исходот од дербито во Штип каде Брегалница и Шкендија Арачиново ги поделија бодовите во меч кој го наполни Градскиот стадион во Штип со публика, Брегалница и по 28. коло останува на врвот од табелата со 65 бодови, колку што има и Скопје, но „сините“ имаат подобар меѓусебен биланс со „пиратите“.
Брегалница е на чекор од Прва лига, ќе треба да се освојат бодовите против Осогово во Кочани, а потоа дома со Победа само да се потврди на рутина триумф и да се подигне шампионскиот пехар на 23 мај.
Николче Шаркоски го отвори резултатот во 16. минута за водство на Шкендија Арачиново по еден одличен проетил кој го испрати кон голот на Купанов кој беше немоќен да го одбрани тој удар. Гостите од Арачиново на полувреме заминаа со 0:1 предност.
Во вториот дел во 68. минута главниот судија Александар Грујоски покажа на белата точка за Брегалница, а Костадин Капсаров успеа да го реализира пеналот во погодок за 1:1.
Ваквата одлука на Грујоски да биде досуден пенал за домаќините предизвика големо незадоволство кај гостинските фудбалер и гостинската публика, со што мечот беше во прекин бидејќи Шкендија Арачиново продолжи да протестира за пеналот.
Сепак, Штип се покажа како вистински домаќин за гостинските навивачи на кои им беа овозможени услови за да го следат натпреварот во Штип, а амбиентот беше неверојатен, верната „фаланга“ со низа кореографии даваше силна поддршка на „сините“, а беше промовирана и новата химна на штипскиот клуб.
Четири прилепчани беа дел од вчерашното дерби за Прва лига, големо ривалство на теренот, но голема почит надвор од теренот – Даниел Карчески и Јорданчо Наумоски во дресот на Брегалница, а Николче Шаркоски и голманот Антонио Столевски во дресот на Шкендија Арачиново
На сите натпревари имаше погодоци – Осогово со 0:4 славеше над Вардар Неготино, па сега „жетварите“ од Кочани избија на петтото место со 53 бодови, а пак Беласица која загуби од Новаци со минимални 1:0 заврши на шестото место со 52 бодови.
Детонит Плачковица со 0:3 славеше над Преспа во Ресен со што радовишани математички го потврдија директниот опстанок, додека пак Кожуф со 8:0 го декласираше составот на Победа.
Скопје со минимални 0:1 го доби Тетекс во гости, а пак Охрид со 3:0 го доби тимот на Големо Коњари, додека во Македонска Каменица дербито за престиж го доби Каменица Саса која со 1:0 славеше над Слога од Виница.
На првото место е Брегалница со 65 бодови, колку што има и второпласираниот Скопје, а пак Шкендија Арачиново е трета со 63 бодови, додека пак Охрид е четврт со 62 бодови.
Официјално Кожуф, Тетекс и Каменица Саса ќе играат бараж за опстанок во Втора лига.
Александар Ванев, М-Нет