
Земјоделците означија почеток на жетвата на јачмен во штипско и овчеполско, ама не се задоволни од откупната цена. Гоце Спасов, потпретседател на Секторската група за жито при МЗШВ вели дека цената е берзанска и годинава е намалена за околу 50%.
„Ланската година на берзата се движеше околу 300 евра и овде ние излеговме со откупна цена од 300 евра. Оваа година цените се намалуваат, моментално се движат од 150 до 160 евра на берзите. Откупот во нашата држава се одвива по берзанска цена“, вели Спасов.
Министерот Николовски, пак, е на ставот дека имаме највисока цена во регионов. Вели дека мерките се насочени кон поддршката на домашно производство со цел да не сме во голема мера увозно-зависни. Една од мерките е 12.000 денари по хектар да бидат насочени за сите оние кои ќе остварат принос.
„Цените се берзански, проверете колку е во Србија, колку е во Грција. Повторно ја имаме највисоката цена во регионот и не е точно дека приносите се мали, затоа барам да располагаме со точни и проверени информации. Добро е што немаме намалување на земјоделските површини“, вели Николовски.
Вели дека не е точно ниту тоа дека приносите се мали. Информациите од терен говорат дека на над 30.000 хектари кај јачменот се очекува принос од три или повеќе тона.
„Јас очекувам околу 45.000 хектари под јачмен. Приносот секако дека ќе биде над три тона. Тоа значи дека оваа мерка мотивирачка ќе биде остварена односно ќе ја искористат најголем дел, односно над 90 проценти од самите земјоделци. Потсекторската група овие денови продолжува со работа да ја следи состојбата и да предложат мерки коишто се однесуваат на пченицата, вели Николовски.
Посочи дека Владата го донесе Интервентниот фонд оваа година за поддршка на земјоделството и потенцираше дека сме единствена земја којашто има Интервентен фонд, којшто може да се користи во кој било момент кога има потреба.
Ребека Спасова М-Нет