Надлежните институции ќе ги санираат патиштата во Делчево погодени од невремето, вели Ковачевски

Владата во Делчево ќе интервенира преку ЈП „Македонија пат“, ЈПДП и Министерството за транспорт и врски, вели премиерот Ковачевски. Посочи дека институциите заедно со Општината ќе направат проценка за алокација на средства за да може патната инфраструктура да се врати во нормала.

„Владата донесе Одлука за кризна состојба во Делчево и во Крива Паланка коишто беа погодени од страшни врнежи, каде што многу настрада патната инфрастурктура, практично беа ископани патиштата. За да може тоа брзо да се заврши, согласно со законските процедури се отвори можност ЈП „Македонија пат“, ЈПДП и Министерството за транспорт и врски преку оваа одлука да ги направат прво сите проценки и веднаш да интервенираат, така што сега е на оние што ја имплементираат одлуката заедно со општините, да направат што е потребно да се алоцираат финансиски средства за да може да профункционира сообраќајот“, вели премиерот Ковачевски.

Првичната проценка на Општината за уништената инфраструктура од невремето во Делчево беше еден милион евра. Извештајот го доставија до Транспорт и врски и очекуваа информација за тоа колку средства ќе бидат обезбедени за помош. Меѓутоа, премиерот Ковачевски вели дека тоа не значи дека средствата ќе бидат префрлени некаде, туку државните институции ќе се вклучат во поправката на патиштата.

„Без разлика колку е, државата е тука да помогне. Тоа не значи дека ќе бидат префрлени 1.000.000 евра некаде, туку ние имаме и институции, делови на Владата коишто може да интервенираат во такви случаи, ЦУК секогаш одлично ја извршува својата работа и во време на пожари, и во време на поплави, истото тоа го прават и другите институции, а тука сега ќе работат институциите коишто се задолжени за поправка на патната инфраструктура“, додаде Ковачевски.

Во својата проценка Општина Делчево ги имаше утврдено оштетувањата на инфраструктурата, потребните средства за атмосферските канализации, регулацијата на речни водотеци и слично. Штети пријавија над 120 граѓани и тоа за поплавени куќи, уништени автомобили, мебел и бела техника.

Ребека Спасова М-Нет