За еден поинаков Велигден… За едни поинакви времиња…

Април, 19ти. Недела. Убаво пролетно утро, будење со црцорот на птиците означувајќи го почнатиот ден. Ја пеат нивната весела мелодија, која е рај за уши. Сонцето ги грее воздишките на луѓето излезени на прозор, а тивкиот ветер ги гали цвеќињата и крошните на дрвјата. Не е тоа само убав, сончев, пролетен ден. Не е само обична недела во април.

Ова е ден кој го обележува најголемиот Христијански празник – Велигден. Ова е ден кој ја празнува победата на Животот над смртта. Ова е недела која не повикува да се разбудиме од мракот, студенилото, отуѓеноста и омразата во кои живееме.

А овој Велигден живееме во спомени на едно време, на еден поинаков живот, на мечти и желби за подобро утре. Не беше слушната Воскресната Литија во божјиот Храм, туку беше пренесувана до нашите домови на нашите екрани. Ова е еден доста невообичаен Велигден.

Можеби ќе го паметиме по тоа што ни се укажала прилика да се посветиме на себе и своите постапки. Или пак, можеби ќе го паметиме по поминатото време со своите најблиски, кои речиси и ги имавме заборавено брзајќи по материјалните удобства. Има и такви кои ќе го паметат по тоа што немале среќа да ги видат тие што ги сакаат на овој ден. Такви кои прв пат Христовото воскресение го прославуваат без своите ближни, кои прерано го напуштиле овој свет, и ги оживуваат спомените со нив. Тука се и оние кои времето го поминуваат во молитва за своите блиски кој станаа жртви на непосакуваната чума на планетата земја.

Еден Велигден, две илјади и дваесетта, кога излезот на граѓаните надвор од своите домови е забранет, е ден кога се спомнува за едно време. Се навраќаат спомени од едно време кога малите со своите нови облеки се појавуваа со своите фамилии во божјиот Храм. Време кога се посетуваат сите роднини и пријатели славејќи го животот, отварајќи ги душите за љубов и радост. И сега, седејќи на семејната трпеза, спомнувајќи си за еден поинаков живот, секој на секого си посакува подобро утре, надеж за ова да помине. Затоа што Велигден всушност тоа и прави, ја враќа надежта. Ја поттикнува вербата, го зајакнува мирот и го заштитува единството.

Токму поради тоа, славете го денов со своите најблиски додека тие се тука, додека се живи и додека можете да навратите спомени со нив. Заради тоа што ќе има денови кога тие нема да се тука. Искористете го секој миг што ви го нуди животот. Затоа што заради тоа:

Христос Воскресе! – Да!
Навистина Воскресе!

Маја Дукова / М Нет