
Кризниот штаб на Виница донесе одлука за целосно затворање на градскиот пазар, со што е променета претходно донесената одлука со која во среда им беше дозволено работењето само на продавачите на прехранбени артикли.
– „Имајќи ги предвид последните мерки за ограничено движење на пензионерите и на другите лица, одлучивме во текот на утрешниот ден тезгите да бидат целосно затворени. Освен на текстилни и други производи, тоа подразбира и забрана за продажба на овошје, зеленчук, млечни производи и сите останати земјоделски намирници“, истакна градоначалникот на Виница, Ивица Димитров.
Според известувањето од општинскиот Кризен штаб, 71 лице од Виница е опфатено со мерката за домашна изолација и главно се работи за граѓани кои пристигнале од странство, односно од држави кои се на листата на средно и високоризични.
Екипи на комуналното претпријатие „Солидарност“ продолжуваат со мерките за дезинфекција на локациите на кои во текот на денот има поголема фреквенција на граѓани, а после секој погреб се дезинфицира и градската капела.