Затворена поголема фирма за брзи кредити – Министерството за финансии ја одзеде дозволата

Одземена дозволата за работа на едно од поголемите друштва за брзи кредити во државата, по вонреден надзор спроведен од Министерството за финансии по пријава од граѓанин. Контролата утврдила сериозни прекршувања на законските прописи, непочитување на правилата за заштита на корисниците и практики со кои граѓаните биле директно изложени на финансиски ризик. Поради тежината на неправилностите, Министерството во мај донело решение за одземање на дозволата за работа на друштвото. Од институцијата информираат дека продолжуваат засилените контроли врз компаниите за брзи кредити, при што од почетокот на годинава се изречени 22 глоби и 23 писмени наредби за отстранување неправилности. Паралелно се подготвуваат и законски измени со кои дополнително ќе се заострат условите за работа во секторот.

,,Министерството за финансии одзеде дозвола за работа на едно од поголемите финансиски друштва на пазарот, откако со вонреден надзор спроведен по пријава од граѓанин беа утврдени сериозни повреди на законски обврски. Надзорот утврди грубо прекршување на законските прописи, постапување спротивно на правилата за заштита на корисниците и практики со кои директно биле доведени во ризик граѓаните – корисници на финансиски услуги. Поради тежината на утврдените прекршоци и сериозноста на констатираните неправилности, Министерството за финансии во мај донесе решение за одземање на дозволата за работа на финансиското друштво.”, велат од министерството за финансии

Паралелно со контролите, од Министерството соопштуваат дека се подготвува и законски измени со кои дополнително ќе се заострат условите и критериумите за работа на финансиските друштва.

Целта на законските измени е да се намали ризикот од прекумерно задолжување кај граѓаните, да се обезбеди поголема заштита на потрошувачите и да се зголеми транспарентноста и одговорноста во работењето на финансиските друштва.

Министерството за финансии ќе продолжи со интензивни контроли и ќе ги презема сите расположливи мерки согласно закон, со цел заштита на граѓаните и спречување на непочитување на законот.

Иван Митев, М-Нет