
Засилено полициско присуство и поголемо внимание од страна на учениците и возачите, ваков апел испрати директорката на СОУ „Коле Нехтенин“, Јованка Шалева, по немилиот настан кој се случи утринава. Шалева вели дека ќе бараат и засилени мерки во однос на сообраќајната сигнализација, бидејќи и понатаму ова место од булеварот „Гоце Делчев“ останува ризично, особено за учениците од ова училиште.
„Ние апелираме до учениците цело време да внимаваат, бидејќи возачите, навистина, возат со голема брзина, а, секако, како училиште ќе побараме да има позасилено полициско присуство и да се додаде нешто плус на онаа сигнализација којашто веќе постои. Јас уште еднаш ќе апелирам до учениците да внимаваат, бидејќи станува збор за прометно место со многу сообраќај и не се внимава. Тука е влезот на градот, индустрискиот дел“, вели директорката Шалева.
Пред точно пет години на ова место почина 15-годишно момче, ученик од ова училиште, откако беше прегазен додека поминуваше на пешачкиот премин. Во тие две години постојано се случуваа несреќи во кои страдаа ученици и пешаци преминувајќи го булеварот. Токму поради тоа беше поставен нов кружен тек, заедно со нов пешачки премин и сигнализација. Директорката Шалева вели дека сметале оти безбедноста е на повисоко ниво, но се покажало дека не е така.
„Ова е настан што се случува вторпат, бидејќи вие знаете дека во минатото имавме ученик којшто беше прегазен и почина. Тогаш беа преземени сите мерки, беа поставени и рампи на тротоарот, се направи кружниот тек, се помести пешачкиот премин, меѓутоа очигледно е дека сѐ уште свеста кај возачите не е на високо ниво, сѐ уште се вози многу бргу и, ете, се случи немил настан, имаме две ученички, од коишто едната е потешко повредена и јас би апелирала до сите возачи да внимаваат, бидејќи овде поминуваат ученици. Апелирам и до родителите и до учениците, и тие нека внимаваат за да немаме слични настани во иднина“, додава Шалева.
Утринава двете девојчиња од прва и втора година преминувале на пешачкиот премин за да пристигнат на училиште во прва смена, меѓутоа во нив удрил автомобил, кој го управувал 28-годишник и двете беа пренесени во штипската Клиничка болница.
Ребека Спасова М-Нет