Петнаесетина домаќинства од улица „Кежовица“ добија канализациона и нова водоводна мрежа

Петнаесетина домаќинства од улицата „Кежовица“ во штипско Ново Село добија фекална канализација и нова водоводна мрежа. Градоначалникот Јорданов посочи дека е решен проблемот кој изискувал експропријација на приватното земјиште со цел неколку домаќинства да се приклучат на канализационата и водоводната мрежа.

„Направивме експропријација на спорното земјиште, низ коешто во изминатите години требало да поминува фекална канализација и водоводна линија за да го реши проблемот и потребите на жителите од улицата „Кежовица“, но заради несогласување, овој проблем се провлекувал со години. Одлучивме на направиме експропријација, да поставиме канализациона и водоводна мрежа, којашто е прилагодена да ги задоволи потребите на овдешните семејства. Во прашање се повеќе од 15 домаќинства, коишто веќе се поврзани“, вели Јорданов.

Проектот е преку Општина Штип, а во реализација на ЈП „Исар“. Активностите се реализираа во текот на изминатава недела, вели директорот на штипски „Исар“, Кирил Зајков.

„Во текот на претходната недела ЈП „Исар“ изврши изградба на нова фекална канализациона линија во должина од 160 метри со поставувње на ФИ 200 цевка. Исто така изврши замена на веќепостоечките приклучоци за вода на 15 домаќинства со што се решава повеќедеценискиот проблем на жителите кои живеат на улица „Кежовица““, вели Зајков.

Буџетот искористен за реализација на овој проект, односно поставување канализациона и обновување на водоводната мрежа, е во вредност од половина милион денари. Дополнително, вели Јорданов ќе се постави и асфалт на земјиштето кое Општината го експроприраше.

Ребека Спасова М-Нет