
По замената на водоводната и канализационата мрежа, улиците „Браќа Даневи“ и „Петти конгрес“ конечно се подготвуваат за асфалтирање. Увид на работата изврши градоначалникот, Иван Јорданов, кои истакна дека првиот слој улиците ќе го добијат до крајот на тековната градежна сезона, а вториот напролет. Веднаш потоа ќе се аплицира и за асфалтирање на останатите две улици во населбата Автокоманда, улиците „Широк дол“ и „Цвета Јованова“.
„Денес започнавме со работа на улиците „Браќа Даневи“ и „Петти конгрес“. Се врши нанесување на земјените слоеви, тампонирање и почеток за работа на тротоарските површини. Ова е подготовка пред асфалтирање. Во овие неколку дена очекувам да се заврши работата на овие две улици и заедно со претходно подготвената „Солидарност“ да се асфалтираат со прв слој до крајот на оваа градежна сезона. На пролет да се нанесе и вториот слој и целосно да се заврши проектот. Станува збор за проект на Светска банка, преку Министерството за транспорт и врски. Претходно Општината изврши комплетна замена на целата водоводна и канализациона мрежа на овие три улици. Наша заложба е следната година да аплицираме и за останатите две улици во оваа населба, „Широк дол“ и „Цвета Јованова“ и со тоа населбата Автокоманда да добие модерен лик“, истакна Јорданов.
Вкупниот износ вложен за реализација на оваа инвестиција е 28.000.000 денари од Светска банка и 6.000.000 од Општина Штип. Дополнително, Општината ќе се заложи и за работа на атмосферските канали на улиците „Солидарност“ и „Браќа Даневи“, за што дополнително ќе биде распишана тендерска постапка од страна на Општината.
Ребека Спасова М-Нет