Тројца штипјани краделе од возила, кривични ќе заработат и осум лица кои ги купиле предметите

Три лица од Штип вршеле кражби од возила, па украдените предмети ги продавале. Кривични пријави ќе заработат и уште осум лица поради сторено кривично дело „прикривање“ со тоа што ги откупиле украдените предмети од лицата. СВР Штип ги расчистил кражбите кои биле вршени во период од три недели, а кои осомничените лица ги признале во Полициската станица.

„Полициски службеници од ПС Штип и Отсекот за општ криминал при СВР Штип по преземени оперативни мерки и активности, расчистија 22 кривични дела „тешка кражба“ извршени од возила на територијата на град Штип во периодот од 25 октомври до 16 ноември годинава. Поради постоење основи на сомнение дека ги извршиле кривичните дела, лишени се од слобода три лица на возраст од 29, 19 години и еден малолетник, тројцата од Штип. Во полициска станица тие ги признале кривичните дела. По целосно преземање и документирање на кривично-правните настани, против лицата ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави. Додека, пак, против осум лица кои откупувале предмети од кривичните дела ќе биде поднесена кривична пријава по чл. 261 од Кривичниот законик за кривично дело „прикривање““, истакна Гордана Панајотова, портпарол на СВР Штип.

Поголем дел од украдените предмети при 22 кражби се пронајдени, одземени од страна на СВР Штип и вратени кај оштетените сопственици.

Ребека Спасова М-Нет