
Општина Штип ќе оттуѓи нови шест градежни парцели преку јавно наддавање. Овојпат станува збор за парцели коишто се со намена за домување во колективни станбени згради или индивидуални станбени куќи, а се со различна површина. Почетната цена е 1 евро по метар квадратен за парцелите наменети за индивидуално домување, а 1650 денари по метар квадратен за парцелата наменета за домување во колективни станбени згради.
„Од парцелите коишто се понудени една е со намена домување во колективни станбени згради, којашто се наоѓа во место викано „Б чешма“, почетната цена за оваа градежна парцела по метар квадратен изнесува 1650 денари. Останатите пет парцели се на три локации. Две се наоѓаат во Баби 4, две од парцелите со намена домување во индивидуални станбени куќи се наоѓаат во Баби 6 и една од парцелите со намена домување во индивидуални станбени куќи се наоѓа во Дузлак. За сите овие парцели почетната цена по метар квадратен е едно евро. Објавата е објавена на 18.11.2022, а заинтересираните кандидати може да ја видат на веб-страницата на Општина Штип, како и на страната gradezno-zemjiste.mk. Објавата трае до 20.12.2022 година, а јавното наддавање ќе се изврши на 22 декември“, истакна Лазар Хаџи Николов, раководител на Одделение за урбанизам при Општина Штип.
Претходно Општината објави оглас за оттуѓување на 12 парцели, од кои дел беа и за индустриски капацитети. На првото јавно наддавање од вкупниот број се продадоа 10 парцели и за нив Општината доби нешто повеќе од 54.000.000 денари.
Ребека Спасова М-Нет