Започна целосна реконструкција на улицата „Првомајска“ во Штип, ќе се промени и водоводната линија

Започнаа активностите за целосна рекострукцијата на улицата „Првомајска“ во Штип. Во наредниот период ќе се пристапи кон промена на водоводната линија, како и санација на дел од фекалната кнализација,. Како што истакна градоначалникот, Иван Јорданов, станува збор за потешко пристапна улица и заради тоа замоли за трпение од страна на жителите додека се извршуваат активностите на терен.

„Промена на водоводната линија, санирање на дел од фекалната канализациј, а веднаш потоа и асфалтирање на оваа улица, која практично се наоѓа веднаш позади гимназијата „Славчо Стојменски“. Активностите се предвидени да траат со недели заради конфигурацијата на теренот. Замолувам за трпение од страна на жителите.“ – вели Јорданов.

Улицата се реконструира по барање на жителите од овој дел од градот. Ќе се промени водоводната линија во должина од 260 метри, а од страна на општината се издвоени околу 1,3 милиони денари.

„ЈП „Исар“ започна со решавање на деценискиот проблем и барањето кое секојдневно го имаа жителите на улица „Првомајска“. Се работи со голем интезитет за промена на водоводната линија во должина од 260 метри и активности за промена и поставување на нова канализација на дел од улицата која низ минатото ни создаваше проблеми. Вкупната вредност е околу 1.300.000 денари“ – вели Арсовски.

Освен на улицата „Првомајска“ во Штип се работи и на многу останати локации и улици меѓу кои и улицата „Пиринска“. Јорданов најави дека во наредниот период ќе се реконструираат улици со цел подобрување на патната инфраструктра.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет