Започна утврдување на профилите за запишување во средните стручни училишта за учебната 2021/22

Недостатокот од стручен кадар во повеќе области зборува за фактот дека е потребно повеќе ученици да се запишуваат и изучуваат стручно образование. Под мотото „Учи паметно, работи стручно“ министерството за образование и наука, заедно со стопанската комора на Македонија и општините започнува консултативен процес со цел да се утврдат новите профили кои ќе бидат отворени за запишување на ученици во средните стручни училишта во учебната 2021/22година.

Министерката за образование и наука, Царовска во денешната посета во Штип, тврди дека се прават разни напори за да ги привлечат учениците да изучуваат стручно образование, со што ќе се усогласи потребата на понудата и побарувачката на нашиот пазар, но и ќе се стимулираат учениците да се запишуваат во стручните училишта.

Штип и Пробиштип како текстилен односно рударски регион пројавуваат недостаток и од текстилци односно рударски работници кои ќе имаат завршено соодветно образование. Овие општини со заедничка работа со министерството и стопанската комора се борат за подобар работен кадар со соодветно образование.

Според анализата на Комората на Македонија околу 65% од компаниите се изјасниле дека имаат недостаток на пазарот на труд но најмногу се барани месари, касапи, бравари, заварувачи, машински техничари, електро техничари, но Јаневска оптимистички гледа на решавање на овој проблем. За прв пат годинава министерството за образование спроведува стипендии за техничките струки и резултатот е позитивен има интерес за истите.

Лаура Стојанова М-Нет