Започна изградбата на конзоли, ќе се распише тендер за нов мост на река Отиња

Започна изградбата на конзолите на река Отиња, која ќе значи проширување на улицата „Кеј Маршал Тито“. Овој дел од проектот се изведува откако конзоли се изградија на потегот од Црквата „Св. Никола“ до училиштето „Ванчо Прке“ од другата страна на реката, а проектот ќе продолжи да се реализира долж Отиња.

„Започнува изградбата на конзоли на река Отиња, на потегот од Хотел „Оаза“ до Црквата „Св. Никола“. Станува збор за проширување на ул. „Маршал Тито“ со што централното градско подрачје ќе биде пофункционално. Очекувам да се заврши овој потег, а веднаш потоа да се префрлиме на потегот од Текстилното средно училиште до Основниот суд, каде што ќе се работи со проширување на улицата „Васил Главинов“ и изградба на конзоли на река Отиња“, истакна Јорданов.

Истовремено, ќе се изгради и нов мост кај Гимназијата „Славчо Стојменски“, веднаш до постоечкиот, но за ова Општината сѐ уште нема распишано тендерска постапка.

„Паралелно ќе се работи и на изградба на мост на река Отиња, којшто ќе се протега од Хотел „Оаза“ до Гимназијата „Славчо Стојменски“. Во наредниот период очекувам да започне и да заврши тендерската постапка за изградба на овој мост во време кога ќе се реализира изградбата на конзолите на река Отиња на претходно споменатиот потег“, додава Јорданов.

Изградбата на конзолите на река Отиња е проект вреден 11,5 милиони денари, пари обезбедени од општинската каса.

Ребека Спасова М-Нет