
Законот за дивоградби помина на седница на Влада, испратен е до Собранието. На денешната прес конференција Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, изјави дека се завршени консултациите со сите засегнати страни и земени се предвид речиси сите предлози. Законот треба да го заокружи целокупниот процес на легализација по неговото стапување на сила.
„При креирање на овој закон земени се предвид речиси сите предлози на институциите, голем број на предлозите на граѓанските здруженија, коморите, асоцијациите и сите засегнати страни. Исто така, законот го усогласивме и со другите државни институции. Сметаме дека креиравме квалитетно законско решение со кое ќе се обидеме да ставиме крај на бесправното градење. Од друга страна, нудиме фер услови за сите, оние граѓани коишто претходно немале можност да ги легализираат своите домови, но и се предвидува казна за оние коишто по овој закон ќе пристапат кон легализација, бидејќи го заобиколиле постоечкиот закон. Предлог – законот помина во Влада и истиот е испратен во Собрание“, истакна Бочварски.
Со новиот закон предмет на легализација ќе бидат бесправно изградените објекти заклучно со 01.01.2021 година, а барање може да се поднесе во рок од шест месеца од денот на влегување во сила. Еден барател може да поднесе барање за легализација на само еден објект, а ослободени од плаќање на такса за легализација ќе бидат граѓаните со годишен приход до 180 000 денари, како и бесправно изградените верски објекти. Како што истакна Бочварски, доказ за објектите ќе се сметаат само сметките за јавни услуги.
„Нема да може да се легализираат станбени згради како и доградби и надградби на зградите со намена А2. Сите видови на времени објекти како базени, гаражи и останати објекти, сите видови на урбана опрема, помошни објекти коишто се во функција на друг објект“, додаде Бочварски.
Министерството немало вкупна бројка за тоа колкав е бројот на бесправно изградените објекти, а меѓу ограничувањата е и забрана за легализација на објекти коишто се наоѓаат во заштитени подрачја. Предлог законот за бесправно изградените објекти е донесен по препораките од Европскиот Парламент и Европскиот Совет со што, како што додадоа од Влада, се врши усогласување со европската регулатива.
Ребека Спасова МНет