
Картите за новогодишиот концерт на музичкото училиште од Штип распродадени. ДМУЦ „Сергеј Михајлов“ – Штип и оваа година ќе одржи концерт, а средношколци и основци како дел од богатата програма ќе приредат музички перформанс за посетителите. Концертот ќе се одржи во понеделник, а поради големиот интерес ќе биде во два термина.
„Ова е нашиот десетти јубилеен новогодишен концерт. Минатата година беше јубилејот, но поради ситуацијата моравме да го одложиме. Се одржува на 27 декември и тоа во два термина од 17:00 и 20:00 часот. Имаме мал проблем со влезниците кои се продадени веднаш. Поради капацитетот знаеме дека е дозволено половина капацитет од сите сали на ниво на држава. Планиравме да направиме и трет концерт, меѓутоа немаме услови. Знаете дека вложуваме многу во опрема, во проби. Сите професори се максимално вложени. Ќе настапат учениците од основното училиште, хорот и оркестарот, како и учениците од средното, хорот и оркестарот. Имаме и специјални гости на концертот, како и секоја година, ќе бидат изненадување“, истакна директорот, Горан Кавраков.
Мнет Телевизија е медиумски покровител на концертот, па оние кои не успеале да земат карти, ќе може да го проследат на телевизискиот канал на некој од кабелските оператори на кои Мнет се прикажува.
„Еве, да ги поканам штипјани, кои ќе имаат можност да го следат концертот и на вашата телевизија. Вие како главни медиумски покровители ќе го снимите. На сите оние кои нема да можат да присуствуваат и гледаат во живо им се извинуваме и се надеваме дека догодина ќе има подобри услови“, додаде Кавраков.
Концертот ќе се одржи во Домот за култура „Ацо Шопов“ во Штип, а оние кои имаат карти ќе може на големата сцена да го видат она кое музичкиот центар го подготвува деновиве.
Ребека Спасова МНет