
Пред да заминете на патување за Велигден заклучете ги влезните врати, вратите од балконите и терасите – со ваков апел излегоа денеска од СВР Штип во пресрет на велигденските празници. Водејќи се по праксата од претходните години од полицијата советуваат граѓаните да водат грижа за своите домови со цел да не се соочат со кражби.
„СВР Штип, имајќи предвид дека по повод Велигденските празници се очекува поголема раздвиженост на граѓаните, а со цел обезбедување поволна безбедносна состојба во областа на криминалитетот, јавниот ред и мир и безбедноста на сообраќајот на патиштата, упатува апел до граѓаните на подрачјето на СВР Штип.
Пред да ги напуштат своите домови да ги преземат сите неопходни мерки за заштита од кражби, односно да ги заклучат влезните врати, вратите од терасите, балконите, гаражите и подрумите.“ – вели Панајотова.
Од полицијата апелираат и да не се нарушува јавниот ред и мир, да се почитуваат сообраќајните правила и прописи и да не се вози под дејство на алкохол.
„СВР Штип укажува на граѓаните со своето однесување да не го нарушат јавниот ред и мир, да се воздржат од прекумерна употреба на алкохол, да не управуваат возила под дејство на алкохол, да ја прилагодат брзината на движење кон состојбата и условите на патиштата, бидејќи тие се најчести причини за сообраќајни несреќи со потешки последици.
Засилените акциски контроли продолжуваат и за време на празничните денови. Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и заеднички да придонесеме за побезбедни патишта.“ – додава Панајотова.
Притоа, ги известуваме граѓаните дека доколку имаат потреба да пријават одреден безбедносен настан тоа можат да го сторат со повикување на бесплатните телефонски броеви 192 и 112.
Лаура Стојанова М-Нет