Ново игралиште во Стар Караорман, Јорданов најави спортска сала и асфалтирање улици

Ново повеќенаменско игралиште денеска се пушти во употреба во штипската населба Стар Караорман. Станува збор за уште едно во низата спортски игралишта со специјализирана подлога на кои и претходно се работеше во неколку населени места.

„Во изминатите денови овде се работеше на поставување на нова специјализирана тартан подлога на повеќенаменското спортско игралиште за мал фудбал и за баскет. Еве, денес го пуштаме во употреба ова реконструирано, модерно игралиште за повеќе намени“, истакна градоначалникот.

Жителите на населеното место посочија дека ова е проект кој е од голема важност за нив.

Од овде градоначалникот Јорданов посочи дека во следниот период ќе се работи на асфалтирање улици, мал плоштад и спортска сала која ќе биде во склоп на тамошното училиште, а ќе може да се користи како за часовите на учениците, така и од страна на жителите во слободно време.

„Работиме на еден мал плоштад во ова населено место со детски реквизити, со летниковец, со поставување на урбана опрема. Исто така, ќе се работи на целосно осветлување на ова спортско игралиште и на други содржини во населбата. Најавувам дека во наредните недели ќе се асфалтираат и останатите краци во населбата коишто досега никогаш не биле асфалтирани. Со ова верувам дека ќе успееме да придонесеме да се подобрат условите за живот. Од следната недела работиме на изработка на проект за реконструкција на еден објект којшто е до постоечкото училиште, спортски објект којшто верувам дека ќе биде од корист на учениците, но ќе го користат и жителите од самата населба“, додаде Јорданов.

Повеќенаменското игралиште е во вредност од 2,3 милиони денари, пари обезбедени од општинскиот буџет. Во однос на спортската сала, Јорданов посочи дека ќе биде завршена и отворена за употреба во текот на следната година.

Ребека Спасова М-Нет