Еурофарм Пелистер 2 и Радовиш ќе го играат баражот за Суперлигата

ФОТО: Телевизија М Нет

Официјално Еурофарм Пелистер 2 е противникот на Радовиш за баражот за Суперлигата, со што ќе се пополни последното место за ракометната елита на Македонија.

Еурофарм Пелистер 2 заврши на третото место во плеј-аутот на Суперлигата, а пак Радовиш заврши на второто место во плеј-офот на Првата лига.

Радовиш по една година во Прва лига има можност да се врати во елитата, каде што настапуваше една деценија, додека пак битолчани ќе се обидат да го сочуваат местото во Суперлигата и за следната сезона.

Сè уште нема официјална потврда за терминот и местото каде ќе се одигра баражот, иако се очекува истиот да се одигра веќе овој викенд, а со тоа и да се комплетира сезоната. Колку за потсетување од Суперлигата поради драстичното кратење на истата испаднаа Аеродром, Скопје, Голден Арт, Мулти Есенс и Вардар од Неготино. Екипата на Прилеп заврши на првото место во плеј-аутот, а пак Куманово заврши втор и овие две екипи и следната сезона ќе бидат во Суперлигата, а останува Еурофарм Пелистер 2 преку бараж да го бара опстанокот.

Во Првата лига прв заврши Бисинов од Велес и за првпат во клупската историја ќе заигра во Супергалита, а со тоа велешани одново да следат суперлигашки ракомет откако имаа неколку годишна пауза од овие натпревари поради испаѓањето на Борец во Првата лига.

Со овој натпревар ќе се пополни последното место и со тоа ќе го имаме конечниот изглед на табелата во ракометната Суперлига за следната сезона.

Александар Ванев, М-Нет