Енергетската криза ја погоди и О. Карбинци, зголемена цена на комуналните услуги нема

Четирипати или петпати поголема сметка за струја ќе добие и Општина Карбинци за месец јануари. Општината сѐ уште има валиден договор со снабдувачите на електрична енергија, но договорот на ЈП „Плачковица“ е раскинат, па енергетската криза не ги одбегнува и нив. Според првиот човек на Општината, Виктор Паунов, кризата ќе се продлабочува, но засега жителите нема да плаќаат поскапо за комунални услуги.

„Кризата ќе се продлабочува понатаму. Доколку не се изнајдат некои соодветни решенија за побарувањата коишто ги имаме како Локална самоуправа, а коишто ги интервенираме преку ЗЕЛС, дополнителните потешкотии коишто ќе следат ќе имплицираат да мора ние да ги зголемиме ставките во буџетот за потрошувачка на електрична енергија. Во следниов период ќе го работиме тоа, меѓутоа најмногу тоа ќе се почувствува кај крајниот корисник на нашите услуги, а тоа се граѓаните. Доколку не обезбедиме дополнителни средства, односно стимулација од страна на Владата, овие потешкотии дополнително ќе бидат отежнувачки во следниот период, кога ќе бидеме без вакви договори или кога цената на новите договори ќе биде значително поголема“, истакна Паунов.

Иако сметката за струја Општината и јавното претпријатие сѐ уште ја немаат добиено, се очекува таа да биде зголемена неколкукратно. Споредба меѓу претходните сметки и новата ќе се прави дополнително, но огромен проблем претставува и 17 милионскиот долг. Според Паунов, локалните самоуправи имаат лимитирани можности, па енергетската криза треба да ја пребродат Општините и Владата заедно.

„Во овој момент сѐ уште ја очекуваме онаа нова сметка за месец јануари, така што дополнително ќе ги направиме споредбите. Ние веќе од Нова година сме без овој договор, така што се очекува неколкукратно да биде зголемена сметката за струја. Тоа би било сериозен аларм за во иднина, меѓутоа она што ние го говориме и алармираме би требало да дојде до државата и сите институции со коишто заеднички би го пребродиле. Ние како локални власти сме лимитирани со нашите можности. Доколку сме плаќале една цена на струја, а сега ќе ја плаќаме петкратно или четирикратно, тоа, навистина, не знам кој би можел да го издржи. Допрва ќе го направиме увидот на сметките коишто ќе ги добиеме“, додаде Паунов.

Цената на водата се регулира преку Регулаторната комисија и засега истата нема да се покачи. Паунов е член на Управниот одбор на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) и вели дека на седница е разговарано и е испратено барање до Владата за помош на Општините. Сепак, од Владата засега се со став дека не може да се мешаат во либерализираниот пазар на струја, но се размислува за заштитена цена на малите потрошувачи.

Ребека Спасова М-Нет