
Емотивно, со срца полни љубов, и години за паметење, ученици од разни генерации како и вработените во ОУ Тошо Арсов приредија изненадување на учителката Гордана Плешкова која заминува во пензија. 43 годишно работно искуство во образованието, многу училишни часови, и деца кои се насочени кон вистините патека. Плешкова со солзи радосници вели дека учениците ги советувала да се почитуваат, а тоа го покажале оти заеднички се собрале за да ја испратат во пензија.
„Започнав во „Славејко Арсов“ во 1982 година. Таму во новото училиште останав до 1991 година, а потоа дојдов во ова училиште и до ден денес сум овде, 43 години работам во образование. Има разлика меѓу тогашните деца и сегашните, но секогаш разговарав со нив, им упатував добри мисли, ги насочував на прав пат и секогаш им ја кажував нашата парола „Јас можам, ќе успеам!„ и мислам дека тоа ги направи вистински луѓе.“ вели Плешкова.
Не прифати како свои деца, не учеше, ни помагаше, не воспита – учениците, сега веќе доктори, професори, инженери, директори, велат дека наставничката за нив била како втора мајка. Упатија искрени желби за користење долга пензија.
„Нашата учителка ние ја паметиме како втора мајка, се грижеше за нас цело време додека бевме на училиште. Таа не описмени, не воспита прво да бидеме добри луѓе, да се почитуваме меѓусебе“ – велат учениците.
Последниот училишен час никогаш нема да биде заборавен – вели Плешкова, а гестот на нејзините ученици и покажа дека гордо треба да замине во пензија.
Лаура Стојанова М-Нет