Емил Павлов со интензивни подготовки за Европските игри во Полска

Се интензивираат подготовките на штипскиот каратист Емил Павлов, кој во јуни ќе учествува на Европските игри во Полска. Во моментов работи со матичниот клуб, а ќе замине и на подготовки во Србија, каде и изминатите години се подготвувал за Европските игри на кои ќе учествува третпат по ред. Вели дека е полн со желба и мотивиран да се подготви најдобро што може, да се покаже во најдобро светло и да донесе медал.

„Моментално сум овде во мојот клуб, каде со моите тренери и моите клубски другари се подготвуваме. Потоа се очекува да заминам на подготовки во Србија, каде што се подготвував изминатите години кај тренерот на олимписката шампионка од Србија и, навистина, можам да кажам дека овој период ќе дадам сѐ од себе за да се подготвам и да бидам во најдобра форма и да донесам голем резултат од овие Европски игри, кои се моја голема цел оваа година“

Павлов е единствениот македонски каратист со трето учество на Европски игри. Посочува дека во неговата категорија на овие Европски игри, кои ќе се одржат во Краков, Полска, од 9 до 25 јуни, ќе има осум натпреварувачи. Амбициите на Павлов се да се врати со златен медал.

„Во мојата категорија ќе имам осум натпреварувачи, кои ми се добро познати. За моја среќа, светскиот и олимписки шампион се откажа од учеството на овие игри, па така можам да кажам дека патот до успехот е малку полесен. Морам да кажам дека и другите натпреварувачи се доста квалитетни, ќе биде многу тешко, но верувам во себе, добро ќе ги анализираме противниците со моите тренери, ќе подготвиме добра тактика и се надевам дека можам и ќе дадам сѐ од себе да освојам медал, па зошто да не биде и златен“, посочува Павлов.

На првите Европски игри во Баку, Азербејџан, во 2015 година Павлов освои бронзен медал, а учествуваше и на Европските игри во Минск, Белорусија, во 2019 година, но не освои медал. Најголемиот предизвик на двократниот европски првак и светски вицешампион годинава е Светското првенство во Будимпешта.

Ребека Спасова М-Нет