
Првиот петок по Велигден, кај народот познат како Источен петок – Балаклија ги собра верниците на манастирот „Добра вода“ во кочанско Оризари. Посетеноста е речиси десетпати поголема од лани, а бројни верници присуствувале и на светата литургија која се одржа утринава.
„Овој ден е Источен петок – Балаклија, посветен на мајка Божја или оние манастири кои имаат извори како што е и „Добра вода“. Денес посетеноста на манастирската слава е голема, досега не сме имале толкав број на верници кои го посетија манастирот и побараа благослов од Богомајката, кои дојдоа да се измијат од лековитите води“, вели отец Орце.
Од посетеноста е задоволен и домаќинот на манастирот, Стефан Смилков, кој посочува дека истиот е реновиран со помош и поддршка од иселеници од Оризари, има нов иконостас и фрескопис. Се очекува наскоро да има негово преосветување, бидејќи работите се во завршна фаза.
„Оваа година сме многу задоволни од присуството, имаме десетпати повеќе верници дојдени. Манастирот е сликан со фрески, ни останува уште малку. Сакам да упатам еден апел до сите кои сакаат да помогнат на овој манастир за сликањето на фреските, може да плати и цела фреска или, пак, колку сака за манастирот да се помогне“, вели Стефан Смилков, домаќин.
„Има двојно. Лани колку имавме зготвено, сега имаме двојно и се надеваме дека ќе има и повеќе верници. Имаме зготвено, синоќа готвевме гравче и овчјо месо, а денес ориз и овчјо месо“, вели Ружа Атанасова, главна готвачка.
На овој ден во кочанско Оризари секоја година има црковно-народен собир, а се верува дека водата во овој манастир е лековита.
Ребека Спасова М-Нет