
Вистински фудбалски празник донесе соседското дерби во Третата лига Исток, каде што силите ги одмерија Брегалница Делчево и Малеш Берово. Натпреварот, кој со право го носи епитетот „Ел Класико на Истокот“, привлече огромен број љубители на фудбалот, кои ја исполнија трибината до последно место.
Од самиот почеток атмосферата беше наелектризирана – навивачки песни, знамиња и громогласна поддршка од двете страни создадоа амбиент каков што ретко се гледа во овој ранг на натпреварување. На теренот се водеше голема борба, а двете екипи одиграа израмнет и неизвесен натпревар кој на крај заврши без победник – 1:1.
И покрај поделбата на бодовите, љубителите на фудбалот добија вистинско дерби со многу емоции и квалитетна игра. Делчево уште еднаш покажа дека живее за фудбал, а „Ел Класико“ на Истокот ја оправда својата репутација – спектакл и на теренот и на трибините.


