
Кошаркарската бајка на Соколи заврши на најболниот можен начин – со пораз на домашен терен во Штип, во драматичен трет натпревар против Бутел со резултат 83:86.
Во натпревар полн со пресврти, неизвесност и голема борба, штипјани дадоа сè од себе за да стигнат до историски пласман во Суперлигата, но гостите од Скопје беа посмирени во клучните моменти. Решавачките поени паднаа во самата завршница, кога Бутел успеа да ја сочува предноста и да ја замолчи салата.
Соколи одиграа храбро, со поддршка од трибините кои беа исполнети до последно место, но не успеаја да го направат последниот чекор. Неколку пропуштени напади и изгубени топки во финишот се покажаа како пресудни.
Со оваа победа, Бутел ја доби серијата и обезбеди место во финалето за пласман во елитата, додека за Соколи останува горчината и жалта за пропуштената шанса – сонот за Суперлигата ќе мора да почека некоја нова сезона.