
ГРК Охрид испиша златни страници во македонскиот спорт! Охриѓани вечерва во преполната сала „Билјанини Извори“ го совладаа унгарскиот Татабања со убедливи 31-25 и сосема заслужено се искачија на европскиот ракометен трон, освојувајќи го трофејот во ЕХФ Европскиот куп.
По минималната победа од 29-28 на првиот финален натпревар во Унгарија, избраниците на Борис Ројевиќ пред својата публика одиграа натпревар за паметење. Одбраната функционираше беспрекорно, атмосферата беше спектакуларна, а охриѓани од првата до последната минута покажаа дека титулата останува во Македонија.
Херој на големото финале беше голманот Кристијан Пилиповиќ, кој и овојпат беше вистински ѕид пред својот гол, додека соиграчите во нападот безмилосно ја полнеа мрежата на Татабања. Симболично, токму пред своите навивачи, Охрид го круниса најуспешниот европски поход во клупската историја.
Со овој триумф, ГРК Охрид го освои првиот европски трофеј во своето постоење и уште еднаш потврди дека македонскиот ракомет продолжува да биде значаен фактор на европската сцена. Минатата сезона трофејот го освои Алкалоид, а сега и Охрид се запиша меѓу европските шампиони.
Охрид вечерва не славеше само победа – славеше историја. Градот покрај езерото доби европски шампион, а Македонија уште една причина за гордост.