
Душко Иванов повторно избран за претседател на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Штип, додека во Општина Карбинци нов мандат доби и Гордана Барбашка. Одлуката е донесена на вчерашната седница на Извршниот комитет на партијата, на која беа избрани раководства во општинските комитети низ државата.
Дел се нови лица, а останатиот дел актуелни претседатели кои, според партијата, донеле големи победи на изминатите изборни циклуси, но и значајни позитивни промени во функционирањето на локалните самоуправи.
Во Кочани општинскиот комитет ќе го предводи Александар Андов, додека во Зрновци за претседател е избран Виктор Анакиев. Во Виница функцијата ја презема Александар Јованов, а во Македонска Каменица Љупчо Марков.
Според соопштението, во Делчево е избран Иван Гоцевски, во Пехчево Миле Гошевски, во Берово Столе Каракутовски, а во Пробиштип Тони Тоневски.
Од ВМРО-ДПМНЕ информираат дека кадровските решенија се дел од процесот на зајакнување и реорганизација на партиската структура, со цел поголема координација и ефикасност на локално ниво.
На истата седница, за нов портпарол на ВМРО-ДПМНЕ е избран Валентин Манасиевски, кој, како што информираат од партијата, има долгогодишно искуство во партиските структури и активизам.
Од партијата посочуваат дека со овие кадровски решенија продолжува организациското зајакнување на локалната структура и подготовката за идните политички активности.
Иван Митев, М-Нет