До 2027 година треба да биде завршен ветерниот парк во Штип, а ќе бидат изградени 54 ветерни турбини

Кон средината на оваа година треба да започне изградбата на ветерниот парк, а веќе до 2027 година целиот треба да биде готов. Ветерниот парк главно е лоциран во Општина Штип, со помали делови во Карбинци и Радовиш. Ова ќе биде најголем ветерн парк во Македонија но и на Балканот. Истиот ќе овозможи привремени и трајни вработувања.

„Главни компоненти на проектот се дека ќе бидат изградени до 54 ветерни турбини, секоја со капацитет до 8 мегавати со вкупна моќност до 396 мегавати. Проектот треба да се развива во фази, ќе биде изградена трафостаница и ветерните турбини ќе бидат поврзани со трафостаницата преку подземни кабли односно 80 метри подземни кабли. И ќе има изградено приближно 7 километри 400 ватен далекоовод кој ќе ја поврзува трафостаницата со постоечката национална мрежа.“ – вели Димитрова Филковска.

Струјата која ќе се произведува во ветерниот парк ќе биде пренесена во националната мрежа, а ќе има и приближно 70 метри внатрешни патишта кои ќе бидат јавно достапни. Проектот ќе се работи во три фази а би требало да биде готов до 2027 година.

„Фаза на проектирање и развој која е во тек и треба да биде завршена во втората половина на оваа година. Фазата на изградба се очекува да започне во втората половина на 2025 година и да трае приближно три години. Оперативната фаза ќе започне со поврзување на ветерниот парк со националната мрежа и тоа треба да биде во 2027 година. Животниот век на ветерниот парк е 30 години“ – додава Димитрова Филковска.

Овој ветерен парк откако ќе биде изграден петкратно ќе го зголеми инсталираниот капациетет на добивање на ветерна енергија во државата. Се проценува дека ќе произведува доволно чиста енергија за повеќе од 150 илјади домаќинства.

Лаура Стојанова М-Нет