
Овој викенд со натпреварите од 17. коло ќе започне пролетната полусезона во ракометната Суперлига на Македонија. Од регуларниот дел остануваат да се одиграт уште шест кола, по што ќе се формира плеј-оф сегментот со првите шест на табелата и плеј-аутот со екипите од седмо до 12-тото место на табелата.
Во рамки на првото пролетно коло екипата на Радовиш ќе има тешко гостување кај фаворитот Тиквеш во Кавадарци, лидерот Алкалоид ќе се соочи со Струга во меч каде тимот на Кирил Лазаров ќе биде голем фаворит.
Охрид како фаворит ќе патува во Велес каде ќе се соочи со дебитантот Бисинов, додека пак актуелниот шампион Еурофарм Пелистер ќе игра против Куманово. Неизвесен меч се очекува меѓу Прилеп и Куманово, додека пак Пролет на домашен терен стартува против поранешниот двократен европски шампион Вардар.
Во овие шест кола од регуларниот дел ќе се води вистинска борба за пополнување на последните две места за влез во плеј-офот, каде веќе сигурни се Алкалоид, Еурофарм Пелистер, Вардар и Охрид, останува борбата на четири екипи за две места, односно Бутел, Тиквеш, Пролет и Прилеп.
Оваа сезона гледаме рамноправна борба на три екипи за титулата, тоа се Алкалоид, актуелниот шампион Еурофарм Пелистер и Вардар, додека пак Охрид од сенка напаѓа и всушност може да се покажа како екипа која може да реши која екипа ќе ја освои титулата.
Во плеј-аут сегментот ќе биде вистинска борба која екипа да го избегне последното место кое директно води кон испаѓање во Првата лига, како и претпоследното место кое води кон бараж за опстанок, а тој бараж го играат екипата која ќе биде претпоследна во плеј-аутот од Суперлигата и екипата која ќе биде втора во плеј-офот во Првата лига.
Александар Ванев, М-Нет