
Цените на становите во Штип се зголемени за околу 10 проценти. Највисоката постигната цена за нов стан е околу 1.500 евра за метар квадратен. Досега вредноста на препродадените станови изнесува околу 13 милиони евра, од кои 8 милиони евра се за нови станови.
„ Просечната цена бележи зголемување за околу 10%, односно и старите и новите станови се продаваат за повисоки цени. Досега од предметите пристигнати во општината, цената на становите препродадени е околу 13милиони евра, од кои 8милиони евра се за нови станови. Највисоката постигната цена на договор е околу 1.500евра од метар квадратен за нов стан.“, вели Каров
Во Штип годинава e намалена продажбата на нови и стари станови за околу 30%. Досега се склучени 207 купопродажни договори. Но, годинава пак во Штип расте бројот на нови одобренија за градење на станбени згради, а во катастерскиот систем ќе влезат во 2027 година.
„Претходната година имало повеќе згради коишто се впишани во катастерот, а оваа година има повеќе одобренија, но тие згради ќе се впишат во некој од наредните години, па тогаш ќе има поголема препродажба на станови.“, додава Каров
Граѓаните на терен велат дека цените на квадратен метар за стан се превисоки и дека се потешко младите можат да си купат стан. Тоа според нив е една од главните причини за да бидат неостварени родители.
Во Штип лани се продадени 315 станови, а новите одобренија за градба најавуваат дека наредната година ќе има поголем избор на нови станови и во централното градско подрачје, но и низ штипските населби.
Иван Митев, М-Нет