Проф. д-р Кирил Барбареев за несаканите ефекти од онлајн образованието

Додека останатите држави во светот успеаа со претходното искуство без проблеми да се снајдат во онлајн образованието кое се наметна со пандемијата со КОВИД 19, нашата држава се`уште како да тапка во место.

Последното тромесечие од учебната 2019/2020-та година, помина експериментално, со значителни измачкувања како за учениците, така и за наставниот кадар.

Како ќе се продолжи понатаму, се`уште е неизвесно, остануваат само претпоставките за некои конкретни сознанија од страна на ресорните министерства – за здравство и образование, но и од Комисијата за здравство, која ги одредува препораките.

Според проф. д-р Кирил Барбареев, изминатиов период има скромen концепт на онлајн настава кај нас не е последица само од изминатите месеци, туку од изминатите петнаесетина години, во кои системот се нема подготвувано за прилагодување кон времето и просторот во кој егзизтира и функционира.

Последиците од тоа, во секој сегмент, најмногу се чувствуваат во развојот на личноста на ученикот, истакнува проф. д-р Барбареев.

-Станува збор за различни категории на ученици. Едни се состојбите што ќе се случува со раната училишна возраст, други се последиците во основното и средното образование. Станува збор за многу сериозни прашања, за многу сериозни предизвици, пред коишто ќе се соочуваме како воспитно образовни системи на кои во периодот кој ќе следи треба да се постават стратегиите- кои концепти со која динамика ние ќе ги менуваме овие застарени за жал образовни политики во изминатите 15тина години. Анахрони да не кажам – изјави  проф. д-р Кирил Барбареев.

Она што е очекувано да следува се вистински научни истражувања и тоа преку мултидисциплинарни научни тимови, составени од педијатри, психолози, педагози, социолози – кои ќе ги кажат заклучоците од она што се случуваше, и тоа од страна на појаките и помоќните системи.

Во нашата држава, се очекува да бидат одговорени одредени прашања кои ги мачат и учениците и родителите и наставниот кадар. Нелогични прашања за кои да бидат одговорени Комисијата за здравство дава некакви насоки. Но и одговорите се нелогични.

-Ако не може некој да тргне на училиште заради одредени проблеми, заради епидемиолошката слика, тогаш се поставува прашањето кое си го поставува секој родител, како може истите млади навечер да се собираат и да се групираат, а утредента да не можат да влезат во една институција којашто се трудела да ги обезбеди епидемиолошките заштитни мерки и сите протоколи – потенцираше проф. д-р Барбареев.   

Според Барбареев, ресорното министерство требало побрзо да реагира, за самото да не се доведе до ситуации во кои сите последици на крај ги чувствуваат и родителите и училиштата и наставниците. Тој очекува дека во следните дваесетина дена ќе има поавторитетни одлуки што ќе бидат со сериозна оправданост.

Барбареев истакнува дека за успешен онлајн образовен систем во иднина, потребно е за сите одлуки кои ќе бидат донесени од Комисијата за здравство во интерес на здравјето на учениците и на граѓаните, да се изнајде и формат според кој би се прилагодиле и педагозите.

-Дали тоа значи дека на десет квадратни метри треба да има двајца или тројца. Ние како образовен систем треба да кажеме дали можеме да се прилагодиме и каков квалитет на воспитно-образовен процес можеме да реализираме во околностите во кои што ќе ни го кажат луѓето коишто во овој момент ги имаат најважните информации и колку е ова сериозно и штетно на некој начин по здравјето на граѓаните. Заради тоа, дали треба да се оди на училиште или не одговорот треба да го даде Комисијата за здравство, а ние како педагози, како наставници, како систем, треба да одговориме како ќе го направиме во рамките на можностите кои ќе ни бидат дадени, да понудиме некаков пристоен квалитет и да излеземе барем помалку оштетени од овие последици коишто се случуваат веќе предолг временски период – изјави проф. д-р Барбареев.

Личниот став на Барбареев бил дека можеби учебната година требало да започне во месец август.

Сепак, потребни се многу подинамични чекори и одговори кои нема да се конфузни. Одговори кои ќе бидат доследни подолг временски период.

БИЛЈАНА ПОСТОЛОВА / МНет.мк

Снимател ГОРАН ХРИСТОВСКИ

Монтажа ДАРКО ЛАЗЕВ