
„ Ве повикуваме заеднички, низ највисокиот чин на хуманоста – крводарувањето да ги зајакнеме резервите на крвни единици.Навивачките групи Фаланга и Ултра Банда иницираат акција на која можат да се приклучат сите хумани граѓани кои се во состојба да даруваат крв“. – Ова е содржината на наjновата активност на хуманите дечки кои по втор пат годинава се решаваат да организираат доброволна акција за дарување на крв. Првата акција се одвиваше во најубавиот месец на годината, во месец Мај кога се собраа 30 шишиња крв. Она што ги краси овие хумани момци е тоа што на акцијата доаѓаат и многу малолетни членови кои иако посакуваат не смеат да даруваат крв поради младоста. Но, затоа пак тие ги повикуваат некои од своите родители како нивна замена со што се остварува зацртаната хумана цел. Во изминатиот период покрај навивачките активности, некои умни и креативни дечки исцртаа повеќето графити и мурали со што ги украсоа фасадите на некои руинирани објекти низ градот Штип да добијат урбан лик со уметничка содржина.


И овој пат стои отворен апелот кон сите граѓани кои се спосообни да даруваат крв, заеднички со членовите на Фаланга и на Ултра Банда, утре, среда да се приклучат на оваа хумана акција која ќе се одвива во просториите на Црвениот крст со термин од 09 – 14 часот.
Драги Герасимов – Пушка Mnet.mk