Донација од два нови крводарителски стола доби штипска Трансфузиологија

Два крводарителски стола доби Регионалниот центар за трансфузиона медицина при штипската Клиничка болница. Опремата е донација од Ротари клубот и Фондот за развој на локалната заедница, а средствата со кои е набавена се собрани преку донаторски настани. Во ноември, кој е Месец на машкото здравје, беше организирана театарска претстава со актери од Кочани, како и донаторска комична опрема во продукција на Студентскиот културен центар од Ниш.

„Секоја година ние како Ротари клуб – Штип го одбележуваме Месецот на машкото здравје, но оваа година се одлучивме за малку поинаков концепт. Организиравме неколку настани, при што еден од тие настани беше крводарителска акција, понатаму се организираше театарска претстава, каде што имавме театарска група од Кочани, имаше и донаторска опера и донаторска забава. Собраните средства од сите овие настани беа наменети за купување крводарителски столови кои ќе им служат на сите граѓани на општина Штип“, вели Дејан Маролов од Ротари клуб – Штип.

Раководителката на Регионалниот центар за трансфузиона медицина при штипската Клиничка болница, Мери Шорова, вели дека опремата за нив значи подобрување на условите за крводарителите и вработените, а е добредојдена особено во период кога ја исчекуваат новата клиничка болница.

„Во исчекување на новата болница во Штип, оваа донација од два крводарителски стола за нас, навистина, многу значи, еден вид освежување во овој крводарителски дел. Би сакала да упатам една јавна благодарност до Ротари клуб и до ФРЛЗ, кои несебично одлучија оваа година донацијата од Месецот на машкото здравје да ја донираат токму во нашиот Центар за трансфузиона медицина – Штип“, вели Шорова.

Од штипскиот Ротари клуб велат дека ова не е првпат да вложуваат во опрема или за подигање на свеста во здравствена област. Неодамна во нивна организација се одржа и предавање на тема ментално здравје.

Ребека Спасова М-Нет