Изборите ќе чинат речиси 17 милиони евра, за платено политично рекламирање над десет милиони евра

Речиси 17 милиони евра ќе ја чинат државата двојните избори кои ќе се спроведат во април и мај, соопшти денеска Државната изборна комисија. Потпретседателката, Дитмире Шеху, образложи дека над шест милиони евра ќе бидат за организирање на изборите со обезбедување доверлив и недоверлив материјал, транспорт, паричен надоместок за избирачки органи, односно на членовите на Општинските изборни комисии. За платено политичко рекламирање за двојните избори, пак, предвидени се 656 милиони денари или над десет милиони евра.

„Ќе наведам колку средства ќе бидат потрошени за Парламентарни и Претседателски избори, бидејќи за Претседателски избори ќе се користат повеќе средства во делот на платено политичко рекламирање, затоа што во првиот круг за Претседателски избори на сите учесници во изборите им следува по две евра за запишан избирач, уште еднаш да повторам – на запишан изборач на избирачкиот список. Исто така и по едно евро на кандидатите кои ќе бидат во вториот круг, исто така на запишан избирач. Додека за Парламентарните избори по две евра на сите учесници во избори, исто така на запишан избирач. Тука само да наведам дека од вкупните средства ги баравме од Министерството за финансии, сите средства ни се дадени, само во делот ни недостасуваат во платено политичко рекламирање, каде со самиот Министер за финансии се договоривме дека овие средства ќе ги надополнат, подоцна, бидејќи средствата за платено политичко рекламирање се плаќаат 30 дена по конечноста на резултатите, ова нема да влијае и нема да имаме проблеми во текот на организирањето на изборите“, рече Шеху.

Според Шеху, ДИК, нејзините членови и вработени веќе една година се подготвуваат за двојните избори да поминат во фер, демократска атмосфера и да бидат безбедни. Во однос на идентификацијата на гласачите, таа рече дека ќе се врши со отпечаток од прст и демантираше дека таа била против.

„Идентификацијата на гласачи ќе биде со отпечаток од прст, што беше усвоено и ставено во Законот од 2020 година, но потоа читав дека во одредени портали сум била јас спомнета од одредени политички партии дека претставникот на ДУИ бил да не кажам против, правел проблеми во ДИК и не сакал да има идентификација со отпечаток од прст. Тука сте вие колеги бидејќи на седница не сум го кажала тоа и вие сте свесни и ги слушате сите седници, какошто претходно кажав се јавни и да потврдите дали некогаш е разговарано на оваа тема“, вели Шеху.

Изборите на 8 мај ќе бидат 11 по ред од независноста на државата. Покрај парламентарни, ќе има и претседателски избори – првиот круг ќе се одржи на 24 април, а вториот на 8 мај заедно со парламентарните. Претседателските, ќе бидат седми по ред на кои граѓаните непосредно со гласање ќе го изберат идниот шеф на државата.

Ребека Спасова М-Нет