Дозволено ли е во градот да се чува живина и стока, што вели Законот, а што праксата?

Неподнослива миризба во населба Баби во Штип на нозе крена дел од граѓаните. Позади објективот на камерата велат дека во самата населба има граѓани кои одгледуваат животни и со тоа се предизвикува неподнослива смрдеа насекаде. Проблемот велат не е од сега, се провлекува со години наназад, се променија неколку градоначалници, но тој не се реши. Веднаш зад стадионот во населбата граѓани на државно земјиште си поставиле објкети во кои чуваат стока. Проблемот бил пријавен и во општината, но решение на виделина сѐ уште нема тврдат дел од жителите.

Дали навистина пријавите пристигнале во општината и зошто не се реагира одговор побаравме од комуналниот инспектор Борче Везенков. Тој истакна дека се запознаени со проблемот и дека во најбрз можен рок истиот ќе се реши, но потребно е прво општината да одлучи што ќе се гради или постави на оваа локација.

„Тоа е точно дека е пријавувано. Од наша страна до сега се едидентирани сите лица кои чуваат таму живина и стока. Моментално сме во постапка да видиме Општина Штип што планира на тој простор таму и да почнеме акција за чистење односно да и се даде рок на сопствениците кои чуваат во тие кочини живина и стока, истите да ги отстранат во определен рок. Да кажеме во рок од 15 дена да ги тстранат, доколку не ги отстранат во тој период по Закон за јавна чистота и по одлука за комунален ред ќе бидат соодветно пишани глоби во износ од 50 евра во денарска противвредност“ – кажа Везенков.

Населбата Баби се наоѓа на границата во централниот урбанистички план. Тоа значи дека тамо не смее да се одгледува живина и стока, додава Везенков. Истовремено, сопствениците на објектите нема да можат истите да ги легализираат.

„ Тој дел од градот спаѓа во границите на ГУП што значи не е дозволено чување на живина и стока. По одлуката за комунален ред е дозволено чување на стока во приградските населби, односно на места кои се оддалечени минимум 500 метра од границите на ГУП. Тие привремени објекти како што се кочини и шупи, истите нема да бидат легализирани, бидејќи тие не се предмет за домување“ – додаде Везенков.

Проблем со поставени објекти на државно земјиште во Штип се појавува на повеќе локации во градот, но Везенков истакна дека се постјано на терен и се работи за решавање на проблемите.

Лаура Стојанова М-Нет