
Доживотна казна затвор доби 74 годишниот штипјанец Денис Асанов кој лани ја убил 79 годишната Борјанка Николова од Штип, по што го расчленил нејзиното тело. Дел од нејзиниот труп беше пронајден во дворот од неговата куќа, а останатите делови од телото не беа пронајдени, иако полицијата, заедно со штипското комунално претпријатие „Исар“ извршија претраги и на депонијата „Трештена скала“ во Штип. Судијката, Јулијана Недкова денеска во Основниот суд во Штип го огласи за виновен Асанов и ја објави пресудата.
Според обвинителството, Асанов го извршил грозоморното убиство на жена, при што на еден монструозен и немилосрден начин ја убил оштетената и со остар предмет и ги отсекол главата и нозете, а трупот со рацете го закопал во дворот на неговата куќа, додека главата и нозете ги фрлил на непознато место. Убиството е извршено лани, а по обдукцијата е утврдено дека жртвата Николова имала скршени осум ребра и тешки повреди на градниот кош, најверојатно од силен притисок. Телото било пронајдено по две недели по смртта. Асанов лани пред истражните органи првично признал вина, но подоцна пред судот ја смени изјавата, тврдејќи дека телото го пронашол во куќата.
Иван Митев, М-Нет