Бутел пресилен за Мал Ајакс, Форца го доби Балкан и ќе води трка за второто место

ФОТО: КМФ Мал Ајакс

На едно коло до крајот во Првата футсал лига на Македонија останува неизвесно за второто место, три екипи ќе се бодат за четвртото место, а две екипи за седмото место.

Во рамки на претпоследното коло беа забележани високи победи, а беа постигнати и голем број на погодоци.

Ланскиот шампион Форца со 12:6 славеше над последнопласираниот Балкан, па така тимот од Куманово сега ќе води борба за второто место заедно со Кеги Моби, кој пак загуби од Јувентус Серава со резултат од 6:3.

Шкупи го доби соочувањето со Клими триумфирајќи со 8:6, а пак новиот шампион Проект стигна до својата 17-та победа во низа откако славеше во Крива Паланка над Осогово со 3:9.

Тимот на Бутел не виде мака на домашен терен бележејќи убедлив триумф од 8:3 над Мал Ајакс на домашен терен.

На врвот е Проект со максимални 51 бод на своето конто, Кеги Моби е втор со 32 бодови, а пак Форца е трета со 31 бод. Тука на едно коло до крајот трката ќе биде кој да биде втор.

Бутел е четврти со 25 бодови, Јувентус Серава е на петтото место со 23 бодови, колку што има и Шкупи. Трката меѓу овие три екипи ќе биде за четвртото место.

Клими е седми со 19 бодови, колку што има и Осогово кој е осми, со тоа што во последното коло овие две екипи ќе водат трка за кој да биде седми. На дното се веќе отпишани Мал Ајакс како претпоследен со 11 бодови, а на дното е Балкан со девет бодови. Овие две екипи следната сезона ќе играат во Втора лига односно експресно се враќаат назад во второлигашкото друштво.

Александар Ванев, М-Нет